
Министерството за финансии и Владата си ја префрлаат одговорноста за тоа кој треба да каже дали вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи, кој повеќе од два месеци не се појавил на владина седница, и натаму ја прима државната плата за функцијата, пишува „СДК.мк“.
Фетаи и покрај непојавувањето на работното место, и натаму не е разрешен и формално ја врши вицепремиерската функција. Тој со неодењето на работа ги повредува сите закони (Закон за работни односи, Закон за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица).
Премиерот Христијан Мицкоски деновиве повеќепати одби да одговори колку точно време Фетаи не доаѓа на работа и зошто и натаму не го разрешува.
„Почитувани, во врска со Вашите прашања Ве известуваме дека платата на избраните и именуваните лица е регулирана и се исплаќа согласно на Закон за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица. Налогот за исплата на плати го подготвува соодветниот буџетски корисник и се реализира преку Трезорот на МФ согласно законските прописи“, пишува во одговорот од Министерството за финансии до „СДК.мк“.

