
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова в среда во Софија ќе се сретне со бугарската колешка Илијана Јотова, во рамки на самитот на Процесот за соработка на Југоисточна Европа, при што очекува да се отворат и суштински прашања во односите меѓу двете земји.
Во интервју за „360 степени” на МРТ 1, Силљановска-Давкова најави дека средбата ќе биде продолжение на претходните контакти и можност за зајакнување на довербата.
– Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван едно пријатно женско говорење. Мислам дека треба да го продолжиме тоа и затоа во текот на разговорот со вас ја споменав неопходноста од мерки за градење доверба. Ако граѓаните не контактираат, ако во проекти заеднички не учествуваме… морам да кажам, кога првпат го сретнав господинат Радев во Софија и се случи оној инцидент со знамињата, се заборави, сите кои бевме присутни на работниот ручек каде што тој говореше за потребата од соработка во многу области во кои заедно би постигнале подобро, полесно, многу многу успеси. И јас мислам дека тоа е единствениот начин за да можеме ние bona fide да се однесуваме. Да не се навредуваме, да не повредуваме, да се обидеме да ги мериме зборовите рече таа.
Во однос на прашањето дали е информирана за содржината на средбите на премиерот Христијан Мицкоски со германскиот канцелар Фридрих Мерц и францускиот претседател Емануел Макрон во Тиват, претседателката посочи дека очекува дополнителни информации од утрешната средба со премиерот.

