Протестот го организира граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, која преку социјалните мрежи ги повика жителите да се приклучат и јавно да го изразат своето незадоволство.
„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, порачаа организаторите во повикот до граѓаните.
Жителите бараат доследно почитување на законските прописи, редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и поголема заштита на јавниот ред и мир. Според нив, целта на протестот е да се обезбеди мирна и безбедна средина за живот за сите жители, особено за децата.
Од иницијативата посочуваат дека проблемот со бучавата трае со години и е најизразен во вечерните и ноќните часови, кога гласната музика од локалите и собирањето на поголеми групи луѓе во јавниот простор го нарушуваат секојдневието на жителите.
Тие истакнуваат дека не бараат привилегии, туку еднаков третман и доследна примена на законите од страна на надлежните институции.
Капиштец, како една од најгусто населените населби во Скопје, во последните години сè почесто е во фокусот на јавноста поради поплаките за бучава, која жителите ја оценуваат не само како комунален, туку и како сериозен здравствен и еколошки проблем.

