Во екот на големите демонстрации против владата на премиерот Еди Рама околу луксузниот ресорт што треба да го гради Џаред Кушнер, зетот на Доналд Трамп, САД го тргнаа од црната листа поранешниот претседател и премиер и лидер на опозицијата во Албанија, Сали Бериша.
Оваа одлука ја објави самиот Бериша. Тој беше ставен на црната листа пред пет години.
Бериша пристигна во парламентот со насмевка и од собраниската говорница рече „Готово е, тука сум“, по што беше поздравен од сопартијците од Демократската партија, како и Партијата на слободата на Илир Мета.
Сепак, до овој момент нема официјално соопштение од Стејт департментoт со кое се потврдува целосното укинување на санкцијата, објавена на 19 мај 2021 година за Бериша и неговото семејство. Одлуката што тогаш ја објави американскиот Стејт департмент, го вклучи него и неговото семејство на листата на непожелни лица, забранувајќи им влез во САД поради обвинувања за вмешаност во корупција и поткопување на демократијата во Албанија.
„Јавно прогласувам дека на Сали Бериша и на членовите на неговото најблиско семејство им е забранет влезот во Соединетите Американски Држави. Со своите коруптивни дела, ја поткопува демократијата. Ние сме обединети против корупцијата со нашите партнери во Албанија“, објави пред пет години тогашниот државен секретар, Ентони Блинкен.
Во јуни истата година Бериша за „непожелен“ беше прогласен и од Велика Британија
Лидерот на Партијата на слободата, Илир Мета, кој е во затворски притвор, преку социјалните мрежи напиша дека го задржува истиот став како и пред пет години, наведувајќи дека таа одлука била „мафијашки заговор насочен кон уништување на политичкиот плурализам во Албанија и труење на односите со САД“.
Поранешниот претседател на Албанија, Илир Мета, е во затворски притвор од октомври 2024 година. Тој се товари за сериозни кривични дела, вклучувајќи пасивна корупција, перење пари и прикривање на имот, а Специјалниот апелациски суд ги отфрли неговите барања за ослободување.

