По најавите за протести, со став се огласи и бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков. Тој изрази благодарност до сите граѓани и организации за поддршката во актуелните „тешки околности“ и го потврди правото на мирен протест, но упати барање да не се блокираат граничните пунктови

Протестот закажан за в недела, кој предвидуваше блокада на три гранични премини меѓу Бугарија и Северна Македонија – Ѓуешево-Деве Баир, Станке Лисичково-Делчево и Златарево-Ново Село – засега е откажан.
Ова го потврди Виктор Стојанов, претседател на Фондацијата „Македонија“ и појасни дека одлуката е донесена по консултации и разговори со претставници на Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарскиот амбасадор во Скопје, пренесува бугарската национална телевизија БНТ.
Според Стојанов, процената на институциите била дека каква било блокада на границата во овој момент би била контрапродуктивна, би создала дополнителни тензии и би ангажирала значителни полициски и административни ресурси.
Од Фондацијата „Македонија“ посочуваат дека иако постои сериозен јавен интерес и акумулирана јавна тензија во бугарското општество, која Стојанов ја дефинира како „граѓанска енергија“ и „праведен гнев“, сепак, велат дека таа граѓанска енергија треба да се насочи кон продуктивни форми на дејствување.
Стојанов додава дека одговорните институции веќе се известени, така што не се преземаат никакви мерки за организирање и обезбедување на протестот.
По најавите за протести, со став се огласи и бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков. Тој изрази благодарност до сите граѓани и организации за поддршката во актуелните „тешки околности“ и го потврди правото на мирен протест, но упати барање да не се блокираат граничните пунктови.
„Интересот на нашата земја бара од нас да бидеме отворени за нашите југозападни соседи, да го стимулираме нивното запознавање со современата бугарска култура и да ги промовираме контактите меѓу долго одделените семејства. Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата“вели амбасадорот Радуков во објава на фејсбук-страницата на Амбасадата.
Тој додава дека изразувањето незадоволство од политиките на властите во Скопје мора да има конструктивен карактер.
„Само вака ќе ги потсетиме соседите колку сме блиски и кои се придобивките, не само од нашата заедничка историја туку и од нашата заедничка иднина во обединета Европа“додава тој.
За откажувањето на протестот денеска информираа и од Асоцијацијата „Макам-транс“ од каде што велат дека очекуваат товарниот и патничкиот сообраќај да се одвива непречено.
Бугарската Фондација „Македонија“ пред два дена најави дека в недела ќе ги блокира трите гранични премини помеѓу Бугарија и Северна Македонија и оти блокадата е координирана со бугарското Министерство за внатрешни работи.
Целта на блокадата, како што посочија од Фондацијата во објава на Фејсбук, е на премиерот Христијан Мицкоски демонстративно да му се покаже дека не може да продолжи со прогонот на Бугарите во земјава, со нападите и, како што велат, со измислените судски пресуди против Бугарите.

