Девојче од седмо одделение во скопската населба Аеродром завчера вечерта е тепано со шлаканици, кубено за коса, навредувано, понижувано и натерано да клекне на колена и да ѝ се извини на врсничка, додека целиот грозен чин го снимаат десетина машки малолетници со мобилни телефони и навиваa, пренесе СП.
Две посебни видеа од овој вознемирувачки чин на меѓуврсничко насилство и булинг, со бројни елементи на кривично дело пристигнаа во „Слободен печат“ утринава и на нив се гледаат лицата на сите инволвирани.
Читателите што ни ги испратија видеата ни кажаа дека синоќана 30 јуни, околу 23 часот, во полииска станица Лисиче отишле со видеоматеријалите кои почнале да се шират на мобилните телефони меѓу врсниците, за да го пријават тепањето. Но, полициските службеници на смена ноншалантно им кажале дека „тие не се сведоци на настанот“ и „девојчето треба самото да пријави“.
На видеоматеријалот инаку, девојчето е натерано од страна на насилничката, да каже дека нема да го пријави настанот што таа ѝ го прави. Идентитетите на жртвата и на насилничката се познати на нашата редакција.
Од МВР за „Слободен печат“ откако им ги испративме видеоматеријалите одговорија дека ќе постапат.
За разлика од денеска, синоќа, кога деца отишле да им го пријават видеото во станица, службениците во ПС Лисиче не се обиделе ниту да ги идентификуваат лицата на снимката, ниту да ги легитимираат пријавителите, иако на екранот на мобилниот телефон гледале грозни, брутални сцени каде девојче е тепано на очиглед на десет деца.

