Во судница денеска почна судењето против Трајко Бојковски, обвинет за четири убиства и две убиства во обид на повозрасни жени во Кумановскиот регион.
На почетокот на рочиштето обвинетиот не одговараше на прашањата на судијата, по што беше дадена кратка пауза. Неговиот адвокат објасни дека Бојковски се вознемирил од камерите и од присуството на повеќе лица во судницата.
Обвинителството тврди дека ќе докаже оти Бојковски со умисла ги извршил кривичните дела, а како докази најави записници од увид, ексхумации, обдукциски наоди, ДНК-анализи и судско-психијатриско вештачење.
Според обвинителот Љубомир Лапе, станува збор за случај каков што досега не бил забележан во македонската судска пракса. Обвинителството тврди дека посебните мотиви за делата ќе бидат утврдени преку вештачењата и другите материјални докази и дека ќе се докаже некрофилија.
Семејствата на четирите убиени жени се приклучија кон кривичниот прогон. Иако адвокатот најави дека обвинетиот ќе ја признае вината, Бојковски пред судот изјави дека не се чувствува виновен.

