Со инвестиција од 4.572.087 денари (со вклучен ДДВ) од Буџетот на Општина Крива Паланка,
денес започна реализацијата на уште еден значаен инфраструктурен проект, изградба и уредување на нова пешачка патека покрај кејскиот ѕид на Крива Река, на потегот од Автобуската станица до вливот на Дурачка Река во Крива Река.
Увид на терен изврши градоначалникот Сашко Митовски, кој истакна дека уредувањето на јавните простори останува еден од врвните приоритети на локалната самоуправа.
Патеката ќе биде со должина од околу 400 метри, а проектот предвидува и целосно уредување и оплеменување на просторот кај вливот на Дурачка Река во Крива Река, создавајќи ново современо, безбедно и функционално место за пешачење, рекреација и секојдневен престој на граѓаните.
„Ова не е само изградба на пешачка патека. Ова е создавање нов јавен простор што ќе биде
место за средби, прошетки, рекреација и убави моменти за сите генерации. Нашата цел е
Крива Паланка да добива нови уредени содржини кои ќе го подобруваат квалитетот на
живот и ќе му даваат нов лик на градот“, изјави градоначалникот Митовски.
Тој нагласи дека секој реализиран проект е исполнето ветување и уште еден чекор кон модерна и функционална општина.
„Верувам дека секој проект има своја приказна, но најубавата е онаа што ќе ја живеат граѓаните. Кога една идеја ќе прерасне во реалност, тогаш знаеме дека трудот, посветеноста и
одговорноста имаат вистинска смисла. Најголемата вредност на секоја инвестиција не е
нејзината цена, туку придобивките што секојдневно ќе ги чувствуваат нашите сограѓани“,
истакна Митовски.
Изведувач на градежните работи е ДПГТТУ „ЕУРО-ШАРИ“ ДООЕЛ.
Со реализацијата на овој проект, уште еден дел од кејот на Крива Река ќе добие современ урбан изглед и нова функционалност, а граѓаните ќе добијат безбеден, уреден и атрактивен простор за движење, рекреација и одмор.
Општина Крива Паланка продолжува со силна динамика на реализација на инфраструктурни
проекти што оставаат трајни вредности. Развојот на градот се гради со конкретни дела, а секоја нова инвестиција е чекор поблиску до современа, уредена и поубава Крива Паланка, град по мерка на своите граѓани.

