Со инвестиција од над шест милиони евра, обезбедени преку Министерството за животна средина и просторно планирање, започна целосното уредување на коритото на Сува Река во Општина Сарај. Проектот опфаќа 12 километри од селото Бојане до Глумово, каде што реката се влева во Треска, и ќе се реализира етапно до 2029 година со цел трајно решавање на проблемот со поплавите и заштита на животната средина.
Градоначалникот на Општина Сарај, Илијас Весели, оцени дека ова е една од најзначајните инвестиции на Општината, која става крај на долгогодишните стравувања од поплави на локалното население.
– Денес не го одбележуваме само почетокот на еден инфраструктурен проект. Тука ги поставуваме темелите на една од најзначајните историски инвестиции што досега ги имала Општина Сарај, тоа е целосно уредување на коритото на Сува Река. Со години наназад, жителите на селата долж коритото живееја под постојана закана од поплави. Ги гледаа своите земјоделски површини оштетени, своите домови изложени на ризик, а безбедноста на нивните семејства со секоја нова дождлива сезона беше ставана под знак прашање. Денес ова поглавје на загриженост се затвора – истакна Весели.
Тој посочи дека градежните работи официјално почнале на 7 јули, а реализацијата на проектот ќе се одвива етапно до 2029 година.
– Проектот предвидува уредување на речното корито во должина од 12 километри, од селото Бојане до Глумово, каде што Сува Река се влева во реката Треска. Ова е сеопфатна инвестиција што директно го засега и подобрува животот на илјадници граѓани од Општина Сарај. За реализација на овој проект, Министерството за животна средина и просторно планирање обезбеди над 6 милиони евра, бројка која сама по себе зборува за тежината и сериозноста на оваа инвестиција. Станува збор за повеќегодишен стратешки ангажман кој ќе се реализира во периодот од 2026 до 2029 година. Градежните работи официјално започнаа на 7 јули, датум кој ќе се памети како пресвртница за безбедноста на целиот регион. Ова не е само обичен инфраструктурен проект, туку инвестиција во мирот, безбедноста и достоинството на секое семејство што живее долж ова корито – нагласи Весели.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, истакна дека Министерството има издвоено 379 милиони денари за регулација на коритото на Сува Река, што, според него, директно ќе придонесе кон решавање на долгогодишните проблеми на граѓаните.
– Присуствуваме на еден капитален проект кој со децении беше само ветување, а денес станува реалност. Регулацијата на коритото на Сува Река е директно решение за долгогодишните проблеми на граѓаните од овој крај. За оваа намена, како Министерство за животна средина и просторно планирање, обезбедивме над 379 милиони денари. Со уредувањето на овие 12 километри од влезот на селото Бојане, па сè дотука, до селото Глумово, ние директно ги заштитуваме домовите, имотите и обработливото земјиште на илјадници граѓани на Општина Сарај. Она што е уште поважно е што ставаме крај на загадувањето и ги елиминираме ризиците по здравјето на луѓето во летниот период. Граѓаните на Општина Сарај заслужуваат чиста животна средина и безбеден живот. Оваа инвестиција е дел од нашата голема инфраструктурна офанзива што ја реализираме низ целата држава – истакна Хоџа.
На денешното отпочнување со работа на проектот, беше присутен и премиерот Христијан Мицкоски којшто истакна дека станува збор за капитален проект од витално значење за подобрување на квалитетот на животот на населението во овој регион. Премиерот изрази благодарност за тимската работа и посветеноста на локалните и централните власти.
– Сакам да се заблагодарам за тимската работа бидејќи ова е, како што слушнавте, капитален проект од витално значење и проект којшто има за цел да го подобри квалитетот на живот на населението коешто практично својата иднина ја гради токму овде, покрај овој проект. Исто така ќе ми дозволите да се заблагодарам на градоначалникот на Чаир, копретседател на ВЛЕН којшто кога беше министер за животна средина и просторно планирање го отпочна практично да го движи овој проект којшто денеска станува реалност – посочи премиерот.
Мицкоски нагласи дека Владата останува посветена на реализација на ветените проекти и покрај повеќедецениските наталожени проблеми. – Оваа Влада останува да биде посветена на реализирање на проектите, на ветувањата, тоа што сме го преземале како обврска. Не е лесно, предизвици има многу, нема да очајуваме бидејќи проблемите коишто се наталожиле со децении не може да се решат преку ноќ, но бараме начин, бараме можност повеќе за сето она коешто претставува приоритет на граѓаните да биде завршено – рече Мицкоски.

