Претседателот на Собранието Африм Гаши најави усвојување на Декларација за фер и демократски избори, која најверојатно ќе се случи на 12 септември, откако претходно партиите ќе стават потпис на неа. Покрај тоа што со нејзиното донесување во Собрание, пораката ќе биде посилна и самата Декларација ќе има поголема „тежина“, таа е потребна со оглед на самите сомневања на премиерот Мицкоски дека наводно ДУИ и СДСМ подготвувале таен план за изборите, рече Гаши на брифингот со новинарите
-Проблемот е што ние секои избори ги правиме како да се последни и како да се работи за живот и смрт. Потребата од вакво нешто произлегува и од самата изјава на премиерот Мицкоски кој се сомнева дека ДУИ и СДСМ, имаат таен план за изборите. Декларацијата им е поднесена на пратениците а се планира да биде донесена на 12 септември. Досега партиите ваквата Декларација ја потпишуваа во ДИК, но сметам дека пораката ќе биде посилна и ќе има поголема „тежина“ доколку биде донесена на пленарна седница во Собранието, изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.
Гаши притоа говореше и за Изборниот законик, рече дека досега нема нова иницијатива и повторен обид за усвојување на измените.
-За сега нема најава од некого за повторен обид за измените на Изборниот законик. Пред десетина дена на седницата на 16-ти овој месец имаше иницијатива за заеднички да го донесеме, но тоа не се случи. Ако не ја свикавме седницата ќе беше дека не сме пробале да го донесеме законот и воедно да се види кој е за или против, изјави Африм Гаши, претседател на Собрание.
Запрашан околу најавата на премиерот Мицкоски што ја даде викендов дека по изборите планира реконструкција на Владата, Гаши не сакаше да каже кој од ВРЕДИ ќе биде опфатен со неа и дали тоа се однесува само на оние министри кои се кандидати за градоначалници и кои евентуално би ја освоиле локалната функција. Штом биде поднесен предлог за реконструкција јас веднаш ќе ја свикам седницата, а за тоа кој ќе биде опфатен немам информации, рече Гаши.

