Новиот закон за високо образование кој изминатиот период предизвика голем број критики и полемики дали со него се урива автономноста на универзитетите е пред финална фаза. Ова законско решение се најде и на координативниот состанок во Владата на кое премиерот Христијан Мицкоски рече дека со него се создава можност младите да ја гледаат својата иднина, да студираат тука а потоа да останат во државава и да го градат својот професионален и животен пат.
„Мора да понудиме квалитет ако сакаме да имаме генерации кои што утре ќе ја водат оваа држава. Мора да напредуваме на ранг листите каде што се оценуваат нашите универзитети, вклучително и на Шангајската ранг листа која што сакале или не претставува главна репер листа која што го оценува квалитетот на високото образование“, вели Мицкоски.
Министерката за образование Весна Јаневска рече дека во подобрувањето на овој закон биле реализирани средби и со државните и со приватните универзитети при што, како што истакна биле прифатени бројни конструктивни сугестии од нив. Тврди дека ова законско решение не ја загрозува автономијата на универзитетите.
„Тој нуди меритократија преку показатели за истражувачка продуктивност, интернационализации и соработка меѓу универзитетите, мерливост на квалитет, видливост на високообразовните установи и наставниот кадар, погодности за студенти и можности за стекнувања повисоки знаења преку поквалитетни студиски програми“, изјави Јаневска.


На координативниот состанок присуствуваа и ректорите на 6-те државни универзитети кои начелно дадоа поддршка. Континуираното унапредување на наставниот кадар значи и унапредување на студентите, беше истакнато од дел од ректорите.
-Универзитетот „Мајка Тереза“ ја поздравува иницијативата за подобар квалитет во високото образование и во тој дух поднесе и консолидирани предлози за унапредување на сите три нацрт закони, законот за научно-истражувачка дејност, законот за квалитет во високото образование и законот за високото образование“, рече Беким Фетаији, ректор на Универзитетот „Мајка Тереза“.


Предлог законот за високото образование помина на јавна расправа, а по координативниот состанок во Владата ќе следи меѓуинституционално усогласување, а потоа и негово усвојување на владина седница. Новото законско решение потоа ќе се најде пред пратениците на усвојување.

