Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција во Владата заедно со министерката за образование Весна Јаневска, го коментираше новиот Закон за високо образование. Тој рече дека законот има цел да донесе квалитет, стабилност и перспектива, посочувајќи дека во изминатите години се правеле експерименти со образованието, што довело до намален квалитет, особено по законското решение во 2018 година, што резултирале со намалени прагови за напредување.
„Долго време високото образование трпи големи штети, зашто во 2018 се донесе законско решение уште полошо од претходното, со намалени прагови за напредување во звања, намалена продукција на научни трудови и намален квалитет. Во изминатите години немаше ниту една сериозна евалуација, ниту беа предложени решенија. Како Влада не можеме да дозволиме уште една изгубена деценија. Денес имаме воспоставен вистински партнерски однос со академската заедница и заедно со нив правиме нов закон, рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека со ова решение се создаваат услови младите да останат во државата, при што студентите кои студираат на најдобрите 100 светски универзитети, како и најдобрите студенти ќе имаат предност при врабортување на државните универзитети.
Мицкоски соопшти дека 7,5 милијарди денари е буџетот на универзитетите и дека е значително поголем од минатата година, додавакјќи дека тој тренд ќе продолжи.
Додаде дека фокусот ќе биде и на науката, поддршка на научни трудови, за нашите универзитети, како што рече, повторно да бидат препознаени како центри на квалитет и иновации.
Министерката Јаневска ги соопшти предностите на новиот закон и посочи дека во неговото креирање се слушнати мислењата на дебатите организирани на сите универзитети и оти се вградени сите конструктивни и аргументирани забелешки.

