На телевизија 24 во емисијата „Анализа“ гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов кој истакна дека Собранието се повеќе напредува и се демократизира, за разлика од минатото, и изрази очекување од новиот државен јавен обвинител да ги разоткрие сите криминали направени од опозицијата.

„Последниот Закон за јавно обвинителство во Собранието е донесен во 2020 година во рамки на техничката влада, стигна во Собрание во 12 часот, ставен во 13 часот на пленарна седница, во 14:15 накомисија и ноќта во 2 часот бил донесен со уцени. Денес сме 100 чекори напред, затоа треба да бидеме горди дека Собранието напредува и се демократизира. Јас од новиот обвинител очекувам во најбрз можен рок во соодветна обвинителска предистрага и истрага да ги открие сите сомнежи за сторен криминал што се поврзани со Зоран Заев, со кланот Заеви, со Миле Зечевиќ, со Оливер Спасовски, со Љупчо Николовски, со Али Ахмети. Многу пишани документи изнесовме, многу докази, никој никогаш не ги демантираше, но исто така не го видоа и светлото на денот, односно затаија некаде во Јавното обвинителство“, рече Пренџов.
Пренџов наведе случаи на висока корупција кои со години се чувале во фиока од страна на ЈО, без разрешница, а се поврзани со високи функционери од претходната власт.
„Ние имавме дете со 20 и нешто години којшто без пари зема имот од 30 милиони евра – и до каде е таа постапка? Ние имаме отворен судски процес во рамки на Министерството за економија каде што за копање на минерални суровини некаде блиску до Кичево пола сектор таму е обвинет бидејќи внуците на Али Ахмети копале, а не плаќале ништо на државата. Имаме случај на несразмерно збогатување и имаме случај на многу сомнителни финансиски зделки поврзани со самиот поранешен премиер Зоран Заев. Имаме случаи со пасоши на белосветски криминалци давани од Оливер Спасовски, а ние од Јавното обвинителство ден денес немаме видено ништо“, дециден е Пренџов.

