Во Основниот суд во Штип денеска се слушнаа завршните зборови во случајот со убиството на 79-годишната Борјанка Николова, чие тело беше пронајдено закопано во дворот на обвинетиот Денис Асанов (74). Додека обвинителката Александра Здравкова-Стојанова побара максимална казна за, како што рече, „монструозното убиство“, одбраната инсистира на ослободителна пресуда.

Обвинителството во своите завршни зборови го опиша чинот како грозоморен. Според обвинителката, Асанов со остар предмет ѝ ја отсекол главата и нозете на жртвата, трупот го закопал во својот двор, додека останатите делови од телото ги фрлил на непозната локација.
Од друга страна, бранителката Елизабета Панева побара ослободителна пресуда, тврдејќи дека доказите се нецелосни и недоволни. „Не постои ниту еден доказ кој упатува дека дејствијата на обвинетиот биле мотивирани од полот на оштетената, ниту пак дека постоела претходна динамика на односот која би укажала на континуирано насилство“, истакна Панева, барајќи мерката притвор да се замени со домашен.
Самиот обвинет, Асанов, денеска ја негираше вината, тврдејќи дека никогаш не кренал рака на жена. Интересно е што Асанов претходно пред истражните органи го признал делото, но подоцна ја сменил изјавата, тврдејќи дека само го пронашол телото во својот дом.
Убиството се случило лани, а обдукцијата открила дека жртвата имала скршени осум ребра и тешки повреди на градниот кош од силен притисок. Судијката Јулијана Недкова најави дека пресудата ќе биде објавена на 28 април, во 14 часот

