
Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија на денешната четириесет и трета седница донесе одлуки за објавување на оглас за избор на Основен јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Охрид, на Основното јавно обвинителство Дебар, на Основното јавно обвинителство Кичево, на Основното јавно обвинителство Радовиш и на Основното јавно обвинителство Кочани.
Под точка 6 од дневниот ред, Советот, како што информира, ја разгледал потребата од зголемување на бројот на јавни обвинители во дел од јавните обвинителства на подрачјето на ВЈО Штип, така што донел одлука да се измени Одлуката за определување на бројот на јавни обвинители на јавните обвинителства и јавни обвинители во јавните обвинителства од 14.08.2023 година, на начин што ќе се зголеми бројот на јавните обвинители во ОЈО Штип и во ОЈО Кочани со уште по еден јавен обвинител во тие обвинителства, а во ВЈО Штип со плус двајца јавни обвинители.
Под точка разно, член на Советот ги запознал останатите присутни дека од страна на Здружение на граѓани „16 Март 2025 – Кочани“ (претставници на дел од оштетените и семејствата погодени од трагедијата во Кочани) е доставен поднесок во којшто е изразена сериозна загриженост во однос на одлуката на Советот да не биде продолжен мандатот на јавниот обвинител Ивана Трајчева, со оглед дека истата ја водела истрагата по предметот Пулс Кочани и детално била запознаена со сите факти и докази и дека поради тоа бараат да се преиспита ваквата одлука или да се обезбеди нејзино понатамошно вклучување во предметот. Членовите на Советот одлучија овој поднесок да биде препратен до Јавното обвинителство на РСМ, бидејќи Советот не е надлежен да ги преиспитува своите одлуки, а за истото да биде известен подносителот.

