
Уапсените од вчерашната и денешната акција на МВР и Обвинителството за нелегалниот ботокс и филери во моментот се спроведуваат до Кривичниот суд.
-Поголем дел од групата е веќе спроведена во суд и пред судија на претходна постапка моментално се сослушуваат лицата за кои се предложени мерки на претпазливост. Од вкупно 19 лица, за половина се предложени мерки на претпазливост, а за половина мерка притвор, информираат од Кривичниот суд.
Од МВР денеска информираа дека се уапсени 14 лица, со што се сузбиени организирани криминални групи за нелегална продажба на лекови и медицински помагала, односно за илегални ботокси и филери.
Појаснуваат и дека се поднесени кривични пријави против 19 физички лица и шест фирми.
Од Министерството за внатрешни работи откриваат дека илегалните ботокси и филери биле набавени од Србија, Кореја и Турција.
-Во текот на 2026 година, пријавените Н.А., С.К., А.К. и М.Ѓ. создале злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и околината, кон кое подоцна се приклучиле В.А., А.М., Р.Т.Ѓ., со користење на правно лице од Скопје, како и пријавените Ѓ.С., С.М.С., В.С. како организатори на злосторничко здружување со подрачје на делување во Скопје и Источна Македонија, кон кое подоцна се приклучиле пријавените Н.К., А.К., Д.Ф., М.И.В., А.Т., С.Ф., К.А., О.Д., со користење на правни лица од Битола и Скопје. Со намера да се стекнат со противправна имотна корист од големи размери набавиле фалсификувани медицински лекови и медицински помагала (ботокс) од Србија, Кореја и Турција. Овие медицински лекови и помагала биле внесени на нелегален начин на територијата на нашата држава со намера истите да ги складираат, дистрибуираат и продаваат, помогнати од членовите на злосторничкото здружување, во поголемиот дел доктори по професија, и да ги употребат – аплицираат на трети лица. Пријавените иако биле свесни и знаеле дека набавената стока претставува лек и медицинско помагало, согласно Законот за лекови и не била увезена согласно пропишаните правила, како и дека за истата не било издадено упатство и декларација со одобрение од МАЛМЕД, истите вршеле естетски корекции, со што предизвикале општа опасност по животот и здравјето на луѓето.

