Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска даде поддршка за укинување на техничката влада, оценувајќи дека актуелното законско решение е неуставно.

Сиљановска-Давкова појасни дека македонскиот Устав не познава категорија техничка влада и дека постојните законски одредби биле замислени како привремено решение за 2016 година, кое потоа се продолжило.
„За мене измените во Законот за влада што се однесуваат на техничката влада и тогаш и сега се неуставни. Се разбира дека има техничката влада во светот, но не од ваков тип. Техничките влади се влади на експерти, на бирократи зошто, за да гарантираат фер и демократски избори“,
рече претседателката одговарајќи на новинарски прашања.
Според неа, суштината на измените на нашиот Закон за влада во однос на техничката влада всушност значат не техничко функционирање бидејќи политичари не можат технички да функционираат, туку супер политички влади како гаранција дека ќе се овозможат фер и демократски избори.
Таа потврди дека ќе го потпише указот за измените на законот со кои се укинува овој модел, но апелираше на дебата во Парламентот за да се видат добрите и лошите страни.
„Инаку, како што знам јас претходно многу пати сум чула дека треба да се стави крај на техничката влада. Повторувам Уставен суд може да потврди дека е тоа неуставно решение, но мислам дека не е лошо да се дебатира како тогаш“додава Сиљановска-Давкова.
Прашана за коментар околу најавите од опозицијата дека ќе се повлече од работната група за Изборниот законик доколку се укине техничката влада, Сиљановска-Давкова рече дека таа не може да коментирам како ќе се однесува опозицијата и власта.
„Преферирам дијалог и согласност. Сум ја чула таа согласност и јас кога бев пратеничка дека треба да ставиме крај на тие решенија во Уставот бидејќи ги комплицираат работите наместо да ги олеснуваат и да овозможат атмосфера за фер и демократски избори. Но, парламентот е делиберативен орган не треба ништо да се наметнува, треба да се усогласува и она решение дека нема да важи за следните избори треба да постои, што и да се одлучи“кажа таа.
Во однос на предлог-законот со кој на пратениците би им се забранило да имаат двојно државјанство, претседателката смета дека ваквото ограничување е правно издржливо и треба да се прошири.
Според неа, забраната за двојно државјанство треба да важи за претседателот на државата, министрите и сите носители на функции важни за безбедноста на земјата.
Таа посочи дека вакви ограничувања веќе постојат во Законот за надворешни работи за амбасадорите и во законот за директорот на АНБ.
„Значи со закон може да се ограничи двојното државјанство и за други носители на функции. Инаку, мислам дека треба да се однесува и на претсетдаелот на држвата и на министрите. Со ваквите решенија не се навлегува во можноста за двојно државјанство туку за тоа дека за определени функции не може да имате двојно државјанство. Доколку сте имале двојно државјанство претходно во моментот на стапувањето на функцијата тоа треба да престане“,додаде Сиљановска-Давкова.

