Унгарскиот премиер во заминување, Виктор Орбан, денес објави дека се повлекува од функцијата пратеник во унгарскиот парламент откако неговата партија Фидес претрпе тежок изборен пораз со кој заврши неговото 16-годишно владеење.
На 12 април, Орбан загуби од проевропскиот конзервативец Петер Маѓар, чија партија освои двотретинско мнозинство во Парламентот, на избори обележани со рекордна излезност на гласачите во Унгарија.
Шеесет и двегодишниот Орбан минатата недела повика на „целосно обновување“ на неговата партија.
„Бидејќи местото што го освоив како водечки кандидат на партијата Фидес-КДНП е всушност парламентарно место за Фидес, решив да се откажам од него“, рече Орбан во видео објавено на Фејсбук, по состанокот на извршниот одбор на Фидес.
Тој додаде дека е попотребен во реорганизацијата на партијата отколку во парламентот. Тој нагласи дека раководството на партијата му препорачало да остане и да продолжи со својата работа како претседател на Фидес и дека е „подготвен за таа задача“ доколку биде потврден на партискиот конгрес што ќе се одржи во јуни.
Унгарскиот парламент треба да ја одржи својата инаугуративна седница на 9 мај, кога ќе положат заклетва новите членови. Унгарската партија Тиса освои 141 место, додека Орбановиот Фидес обезбеди 52, а крајнодесничарската партија Наша домовина 6 места во парламентот со 199 членови.

