Вашингтон – Сенатот на САД што е под контрола на републиканците, синоќа блокираше резолуција предложена од демократите што би му забранила на претседателот Доналд Трамп да започне воена акција против Куба без одобрение од Конгресот.
Сенатот гласаше со 51 наспроти 47 гласа, речиси целосно по партиска линија, за процедурна мерка со која беше блокирана резолуцијата за воените овластувања на претседателот, откако членовите на партијата на Трамп изјавија дека нема активни непријателства на САД против Куба.
Републиканскиот сенатор Рик Скот од Флорида кој ја иницираше постапката за блокирање, изјави дека гласањето за воени овластувања не е соодветно бидејќи Трамп не испратил војска.
Демократскиот сенатор Тим Кејн, еден од главните предлагачи, оцени дека американските напори за запирање на испораките на гориво кон островот под комунистичка власт претставуваат воена акција.
„Кога некој би им го правел на САД тоа што ние и го правиме на Куба, тоа сигурно би го сметале за чин на војна“, изјави Кејн во говор во Сенатот пред гласањето.
Американските сили за време на владеењето на Администрацијата на Трамп без одобрение од Конгресот напаѓаа бродови крај брегот на Венецуела и влегоа во Каракас со цел да го заробат претседателот Николас Мадуро, а заедно со Израел војуваат против Иран.
Трамп изјави дека „Куба е следна“, без да прецизира конкретни планови, но често тврди дека Владата во Хавана е пред колапс.
Демократите повеќепати безуспешно се обидоа, и во Сенатот и во Претставничкиот дом, да го обврзат претседателот за воени операции да бара одобрение од Конгресот, додека републиканците, кои имаат тесно мнозинство, речиси едногласно ги отфрлаат таквите иницијативи.
Иако Уставот на САД предвидува дека Конгресот има овластување да објави војна, ова ограничување не се однесува на краткорочни операции или на одговор на непосредна закана.
Белата куќа тврди дека одлуките на Трамп се во согласност со неговите овластувања како врховен командант да заштита на Соединетите Држави.

