Со укинувањето на техничката влада, власта и парламентарното мнозинство заокружија цел циклус на деструктивни политики кон Северна Македонија и нејзините граѓани, алармираат од партијата СДА Македонија. Тие оценуваат дека отстранувањето на овој контролен механизам за организирање фер и демократски избори претставува директен чекор кон апсолутна партизација и автократија.
Од партијата остро го критикуваат потегот, потсетувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција инсистираше техничката влада да остане сè до зачленувањето во Европската Унија.
„Како демагогија го оценуваме обидот на власта укинувањето на техничката влада пред избори да го претстави како реформа. Како политичко лицемерие го оценуваме однесувањето на ЗНАМ и ВЛЕН, кои од желбата да ги зачуваат своите места во Владата, со својата реторика и со своето политичко делување целосно се ставени во функција на деструктивната политика на ВМРО-ДПМНЕ“, истакнаа од СДА Македонија.
Во нивното соопштение таксативно се набројуваат клучните неуспеси на актуелната власт во изминатите две години. Од СДА Македонија обвинуваат дека владејачкото мнозинство го запрело патот кон ЕУ, ја изложило државата на негативното влијание на „српскиот свет“ и избрало да работи за интересите на олигархијата, држејќи ја минималната плата под секое достоинствено ниво. Дополнително, тие посочуваат на избегнувањето на контролите од ММФ преку задолжувањето кај Унгарија, како и на одбивањето да се санкционираат лицата од црните листи на САД, Велика Британија и ЕУ преку новиот закон за рестриктивни мерки.
Оценувајќи дека наместо реформи се спроведува целосна партизација на судството и администрацијата, партијата испрати сериозно предупредување до јавноста:
„Власта има јасна намера да од Северна Македонија направи „црна дупка“ во регионот, без демократски вредности, ослободена од контролните механизми на ЕУ и меѓународните фактори, без контролни механизми и во домашниот политички систем, се со цел да владее авторитарно, секако проследено со коруптивни шеми и бизниси“, заклучија од СДА Македонија.

