
Уставниот суд денеска ќе ја одржи 12-та седница, на чиј дневен ред шест иницијативи за оценување на уставноста и законитоста на различни законски и подзаконски акти, како и гласање за две нацрт-одлуки.
Судот ќе ја разгледува иницијатива за измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, односно за членовите 1 и 3 од овој Закон, каде се оспорува ограничувањето на одредени права за пензионери кои живеат надвор од државата.
Подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби го ставаат во нееднаква и дискриминирачка положба во однос на другите пензионери кои оствариле право на пензија според истиот закон, но живеат и ја примаат пензијата во државата. И покрај тоа што правото на пензија го остварил согласно важечкиот закон, со оспорените одредби тоа право му се ограничува врз основа на местото на живеење, што претставува повреда на уставно загарантираните права, се наведува во иницијативата. Според подносителот одредбите се во спротивност со член 110 став 3 од Уставот, кој гарантира заштита на слободите и правата на граѓаните, вклучувајќи ја еднаквоста на сите пред законите.
На дневен ред се и иницијативите поврзани со измените на Законот за градење, каде подносителите тврдат дека се нарушуваат правата на непосредните соседи на градежните парцели. Според нив, со новите одредби се укинува правото на увид во техничката документација и правото на жалба, со што инвеститорите се ставаат во поповолна положба. Дополнително, се укажува и на можни ретроактивни ефекти и правна несигурност за веќе започнати постапки.
Меѓу предметите е и иницијативата која се однесува на правото на еднократна парична помош за новороденче, односно делот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ од Законот за заштита на децата. Подносителот тврди дека со воведувањето на условот „родено на територијата на Република Северна Македонија“ се ставаат во понеповолна положба за добивање на еднократна парична помош, деца чии родители се државјани на Република Северна Македонија, а кои се родени во странство, во однос на деца чии родители се исто така државјани на Република Северна Македонија, но кои се родени на територијата на државата. Според подносителот местото на раѓање не зависи од волјата на детето, ниту пак може да биде релевантен критериум за остварување права од областа на детската заштита.
На дневен ред е и иницијативата поднесена на член 74 од Правилникот за имунопрофилакса, хемиопрофилакса, лица кои подлежат на овие мерки, начинот на изведување и водење на евиденција и документација.
-По исклучок, при активно откривање на невакцинирани или некомплетно вакцинирани, вакцинацијата може да се врши и на терен, надвор од здравствените установи, со запазување на принципите на „студен синџир” за транспорт и чување на вакцините за соодветна диспозиција на медицински отпад, како и обезбедена антишок терапија (ампули адреналин, кортизонски препарат со брзо дејство и антихистамински препарат), се наведува во оспорената одредба.
Според подносителот одредбата е нејасна и непрецизна, создава права несигурност и е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, од Уставот, односно го поткопува владеењето на правото.

