Предвремена отплата на долг во висина од 6,9 милијарди евра од првиот меморандум, односно од првиот заем од европските земји на почетокот на економската криза, најави министерот за национална економија и финансии на Грција Кирјакос Пиеракакис во изјава за „Ројтерс“, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Пиеракакис предвремената отплата на долгот е планирана следниот месец, а со тоа и дополнително ќе се намали јавниот долг.
– Преку програмата за предвремени отплати на Грција, јавниот долг се очекува дополнително да се намали, близу до 130 отсто од БДП до 2027 година, рекол Пиеракакис.
Грчките медиуми коментираат дека предвремената исплата на дел од заемите од првиот меморандум се смета за порака на фискална стабилност кон инвеститорите и кредитните рејтинг-агенции, во меѓународната средина со зголемена неизвесност.

