
Со 64 гласа „за“, 15 „против“ и без ниту еден воздржан, Собранието го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, кој е дел од Реформската агенда.
Со новото законско решение се воведуваат суштински измени насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работата на Советот и на јавното обвинителство во целина.
Се реформира постапката за избор на членови на Советот, при што се воведуваат јасни и транспарентни критериуми за стручност, искуство и интегритет, по пример на новиот Закон за Судскиот совет. Целта е да се обезбеди избор на најквалитетни кандидати.
Законот предвидува и обврска за детално и образложено одлучување при избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите, како и доследна примена на системот на заслуги.

