Во рамките на своето обраќање на Втората регионална министерска конференција за демографска отпорност што се одржува во Скопје, премиерот Христијан Мицкоски упати силна порака за поединечната одговорност во градењето и зачувувањето на државниот систем. Тој подвлече дека конечно сите треба да си го постават клучното прашање за тоа што можат тие да направат за татковината, наместо постојано да се фокусираат на тоа што татковината може да направи за нив, порача Мицкоски.
Посебно се осврна на младите кои времено работат во странство и им порача дека не може да работат во странство а во Македонија да бараат бесплатно здравство.
Премиерот нагласи дека е недозволиво континуирано да се троши и злоупотребува системот, а истовремено да се бара од тој ист систем да враќа со најдобри политики и услуги. Според Мицкоски, мора да постои свест дека „системот сме ние“ и дека каков систем ќе изградиме со нашиот ангажман, така тој систем ќе ни врати назад на сите.
Во тој контекст, Мицкоски упати директна критика кон практиката на граѓани кои бараат времена работа во туристички земји каде контрибуираат во локалната економија и плаќаат даноци неколку месеци во годината, но истовремено бараат бесплатно здравствено осигурување од македонскиот здравствен систем. Тој истакна дека не е фер да се истрошува домашниот систем и да се живее со критика кон него, а претходно да не се контрибуира во него.
Понатаму, премиерот се осврна и на злоупотребите со пишување незаслужени прекувремени работни саати, со што се троши буџетот кој треба да го финансира системот што на крајот треба да им врати на граѓаните. Тој потенцираше дека е неопходно да се контрибуира во домашната економија ако се сака функционален систем.
Мицкоски испрати посебна порака до младите за кои смета дека грешат ако мислат дека неколку месеци поминати на некоја туристичка дестинација се доволни за сонување за иднината. „Дома треба да сонуваме и да ја градиме нашата заедничка иднина, во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку посилно работиме дома, толку посилен систем ќе имаме“, порача премиерот, повикувајќи ги младите да не контрибуираат во туѓи економии.
Ј. Ѓ.

