Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) денеска категорично ги демантираше тврдењата објавени во дел од интернет порталите поврзани со нивниот договор за соработка со Македонската радио-телевизија (МРТВ). Од редакцијата посочуваат дека изминативе неколку денови се цел на координирани напади од страна на порталите Плус Инфо, Лидер и Нетпрес, како и со нив поврзани социјални платформи, кои дистрибуираат лажни и непрофесионални информации со цел дискредитација на организацијата и новинарите.
Во фокусот на овие напади е нивниот договор за копродукција на видео содржини со МРТВ, кој е потпишан во 2023 година и е со траење до крајот на септември 2026 година. Од ИРЛ појаснуваат дека овој договор воопшто не е таен и е само еден од неколкуте вакви договори за копродукција што јавниот сервис ги има склучено и со други непрофитни и профитни организации и продукции во земјава. Тие децидно ги отфрлаат наводите за наводни криминални дејствија поради доцнење и неисполнување на обврските. „Целосна лага е дека ИРЛ не доставила содржини и дека договорот е завршен. Нашата редакција тековно работи на преостанатите содржини, за кои имаме и детален план за објава до крајниот рок“, се вели во нивното соопштение.
Организацијата ги демантираше и тврдењата во врска со нивната екипација. Спротивно на наводите дека немаат ниту еден вработен, од ИРЛ посочуваат дека имаат 10 вработени лица, додека поврзаната фирма „ИРЛ Стори Лаб“ има тројца. Дополнително, за реализација на своите продукти, тие ангажираат и надворешни соработници согласно врвните меѓународни професионални и етички стандарди што гарантираат квалитет. Како непрофитна организација која доминантно се финансира од грантови и донации, од ИРЛ истакнуваат дека имаат редовна комуникација и размена на информации со своите партнери, согласно склучените договори.
Сите овие случувања, редакцијата ги оценува како дел од една поширока негативна кампања. „Овие, како и сите претходни напади врз нашата редакција и работење, ги сметаме за дел од постојани злонамерни обиди за дискредитација на истражувачкото новинарство во земјава и обид за спречување на борбата против корупцијата и организираниот криминал“, порачуваат од ИРЛ.
Како потврда за својот професионален ангажман, тие потсетуваат на видливите резултати и признанијата кои ги добиваат. Продуктите на ИРЛ кои се емитуваат како дел од договорот со МРТВ, досега имаат освоено дури 11 домашни и меѓународни награди, меѓу кои се вбројува и престижната „Global Shining Light Award 2023“, награда која МРТВ и ИРЛ ја делат со британскиот јавен сервис BBC.

