Синдикатот на културата повторно организираше протест, овојпат пред Македонска опера и балет, каде културните работници испратија пораки за, како што велат, потценување на нивниот труд и незадоволство од односот кон вработените во културниот сектор. Причината за протестот е најавената тенденција за укинување на Колективниот договор за култура, кој, според синдикатот, станал клучна точка на несогласување меѓу институциите и вработените.
Додека пред објектот пристигнувале гости на настанот, од спротивната страна биле присутни уметници и културни работници кои држеле транспаренти, а полицијата била распоредена за обезбедување на протестот и нормално одвивање на настанот.
На транспарентите можеле да се прочитаат пораки како „Секоја улога носи години труд на грб“, „Уметниците треба да живеат од својата работа“, „Почитта кон трудот се покажува со дела“, „Трудот во културата не е трошок“, „Аплаузот не плаќа сметки“, како и „Ова што ќе го гледате и слушате вечерва е труд, не привилегија“.
Дел од пораките биле директно насочени кон министерот за култура и туризам, Зоран Љутков. На еден од транспарентите било испишано: „Љутков, твоите колеги ќе помнат дека ја уби културата“, придружено со илустрација на, како што наведуваат организаторите, „мртов“ колективен договор.

