Зошто Тимчо Муцунски криеше дека денеска имал средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова во Брисел – праша доцна вечерва преку социјалните мрежи лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, откако шефот на македонската дипломатија рече дека со својата бугарска колешка имал едноминутен разговор, а не средба, како што тврди таа.
Имало или немало средба, била таа неформална или формална, пишува Филипче во објава на Икс, пораката што Муцунски ја доби од Петрова-Чамова е јасна – дека Бугарија има јасно изразен став, кој од 2022 година не е билатерално, туку прашање за дискусија меѓу ЕУ и земјата кандидат и дека доколку не ги спроведе обврските, Македонија би можела да ја изгуби можноста да биде дел од проширувањето на Унијата во наредните години.
„Колку повеќе докази им требаат на граѓаните на Македонија дека оваа криминална организација предводена од Христијан Мицкоски лаже? Без вклучување на малцинствата во Уставот – што е европско, а не бугарско прашање – нема да има напредок во интеграциите во ЕУ. Вистината излегува на виделина. Правдата ќе победи!“, пишува Филипче во објава на Икс.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски претходно денеска реагираше на изјавата што од Брисел ја даде неговата нова бугарска колешка Весислава Петрова-Чамова. Таа рече дека во Брисел имала средба со Муцунски и дека својот северномакедонски партнер го информирала за непроменетиот став на Бугарија – дека Северна Македонија треба да ја почитува преговарачката рамка со ЕУ од 2022 година.
„Ако едноминутен разговор се нарекува ‘средба’, тогаш денес навистина имавме многу ‘средби’. А, како што ѝ кажав на Весислава, се надевам дека наскоро навистина ќе одржиме средба – во пријателска и позитивна атмосфера, насочена кон градење добрососедски односи и нашата заедничка европска иднина“, реагираше Муцунски и ѝ порача дека користењето на терминот „северномакедонски“ е несоодветно.

