Црна Гора е на врвот во Европа според потрошувачката на антибиотици, а експертите предупредуваат дека прекумерната и неправилна употреба на овие лекови го забрзува развојот на антимикробната резистентност и ги прави инфекциите сè потешки за лекување – пренесе МИНА.
Податоците на Институт за јавно здравје на Црна Гора и на СИНМЕД, доставени до агенцијата МИНА, покажуваат дека просечната потрошувачка на антибиотици во земјата е 50-ина проценти повисока од просекот во државите на Европската Унија.
Според податоците за 2024 година, вкупната потрошувачка на антибиотици достигнала 30,83 пропишани дневни дози на илјада жители, што е повисоко дури и од нивото во Грција, која традиционално е меѓу земјите со најголема употреба на антибиотици во ЕУ.
Од СИНМЕД предупредуваат дека Црна Гора е и меѓу европските држави со највисоко ниво на антимикробна резистентност. Според експертите, прекумерната и несоодветна употреба на антибиотици е една од главните причини за ширењето бактерии отпорни на лекување.
Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека високата потрошувачка бара координиран и мултидисциплинарен пристап за ограничување на проблемот. Според податоците на институцијата, во земјата се регистрираат високи нивоа на резистентност кај повеќе значајни патогени, вклучително и кон основни и резервни антибиотици, што се користат во најтешките случаи.
Интердисциплинарната комисија за борба против антимикробната резистентност при Министерството за здравство на Црна Гора подготвила програма за контрола на бактериската резистентност за периодот 2026 – 2028 година, наведува МИНА.
Документот предвидува национални кампањи за поттикнување рационална употреба на антибиотици и ограничување на резистентноста.
И покрај загрижувачките податоци, статистиката на Институтот за јавно здравје покажува одреден пад на бројот на препишани антибиотици во јавните здравствени установи. Минатата година биле издадени 750 рецепти на илјада жители наспроти 803 во 2024 година, 800 во 2023 година и 838 во 2022 година.
Фармацевтката Санда Цановиќ изјави за МИНА дека високата употреба на антибиотици во Црна Гора укажува на системски и културен проблем, како и на недоволна информираност кај пациентите.
Според неа, антибиотиците често се користат како панацеа, вклучително и при вирусни инфекции, кај кои немаат ефект.
Експертите предупредуваат дека резистентноста на антибиотици веќе станува еден од најсериозните предизвици за современата медицина бидејќи доведува до потешко лекување, подолг престој во болница и поголем ризик од компликации и смртност.

