Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека државата ќе ја засили борбата против арогантното однесување кај дел од функционерите и најави дека наскоро ќе биде објавен начин преку кој граѓаните ќе можат директно да испраќаат поплаки.
– Борбата никогаш не смее да заврши. Наскоро ќе објавам како можете да дојдете и како сите граѓани можат да ми испраќаат информации, преку кој портал, преку кои социјални мрежи, за луѓе кои се однесуваат арогантно од различни делови на владата, од директори, администратори, министри, асистенти, заменици, секретари и сите други – рече Вучиќ.
Тој нагласи дека ароганцијата е „злобна болест“ и дека против неа ќе се бори со сите дозволени и законски средства.
„Луз-луз“ и изборите
На прашање за коментарите во дел од медиумите дека од позиција „вин-вин“ преминал во „луз-луз“, Вучиќ одговори дека единствен вистински суд ќе бидат изборите.
– Прифаќам дека сум во позиција „луз-луз“, а тие во позиција „вин-вин“. Само една мала работа треба да се случи, а тоа се изборите – изјави српскиот претседател.
Тој додаде дека неговата цел е „успешна Србија со задоволни граѓани“, додека, како што рече, неговите противници посакувале тој „да остане без глава“.
Поевтини станови за медицински сестри
Вучиќ најави и дека дел од становите изградени во рамки на Експо би можеле да се продаваат по пониски цени за медицински сестри и други категории што не го решиле станбеното прашање.
– Наместо квадратот да биде околу 4.000 евра, би ги дал по цена од 1.600 до 1.800 евра – рече тој.
Според Вучиќ, Србија во моментов трпи голем финансиски товар поради санкциите врз НИС, но додаде дека нема недостиг од нафта и дека државата останува стабилна.

