
Вкупно 1.822 вработени во јавните здравствени установи во државата поднеле тужби против своите работодавачи. Вкупниот износ на тужбените барања достигнува 134,6 милиони денари – приближно 2,18 милиони евра. Тужби се поднесени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи, повеќе од половина од сите во земјата – беше соопштено на денешниот брифинг во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, појасни дека главниот повод за тужбите е неисплаќање додатоци на плата – за прекувремена работа, ноќна работа, работа во смени, работа во недела и на државни празници, бонус плата и јубилејни награди.
Највисок поединечен износ на тужбени барања имала Клиничката болница – Битола со 16,8 милиони денари, а Општа болница – Куманово предничи по број на тужители со 317 вработени.
– Тужбите претежно произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работните односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз јавното здравство може да биде значително повисок, голем дел од постапките сè уште не е завршен – истакна Клековски.
Загрижувачки бил и трендот на нови тужби, само Здравствен дом – Кратово најавил околу 65 нови тужители во 2026 година, со проценета вредност на барањата од над 3,5 милиони денари.
Анализата на плати во јавниот здравствен сектор опфаќа 18.872 вработени во 12 типа на јавни здравствени установи за декември 2025 година.
ФЗО денеска ја објави анализата на учеството на додатоците во вкупната бруто-плата и буџетската реализација во сите јавни здравствени установи за декември 2025 година. Документот опфаќа 18.872 вработени распоредени во 12 типа на здравствени установи и претставува, како што беше кажано, основа за планирање на буџетот и унапредување на транспарентноста на платите во здравствениот сектор.
– Оваа анализа ни дава јасна слика за тоа каде и зошто се исплаќаат додатоците. Наш приоритет се транспарентноста и ефикасното користење на јавните средства за здравствена заштита – рече Клековски.
Тој се осврна на структурата на платите.
Просечната вкупна нето-плата на ниво на сите јавни здравствени установи изнесувала 50.039 денари наспроти просечната основна нето-плата од 37.660 денари. Највисок удел на додатоци бележеле установите со непрекинат 24-часовен режим на работа.
– Универзитетската клиника за државна кардиохирургија – 40,66 отсто удел на додатоци. Клиничка болница – Штип – 37,83 отсто. УИ за радиологија – 37,67 отсто. ОБ со проширена дејност просечно 38,92 отсто. Спротивно, превентивните установи и поликлиниките бележат удел на додатоци под 15 отсто поради работа исклучиво во редовно работно време, без дежурства – информира Клековски.
Тој сподели уште една новост во борбата со тужби.
– Министерството за здравство веќе има формирано група – претставници на Министерството, Фондот и на двата репрезентативни синдикати на вработени во здравствениот сектор, да работат на појаснување на додатоците со цел да не се соочуваме со тужби. Нашиот став е – она што следува треба да се исплаќа, ама да не се оставаат сиви зони за неетичко постапување – дециден беше Клековски.
Притоа беа посочени и препораките, приоритетната исплата на правосилни и спогодбени случаи за спречување акумулирање камати, системски преглед на исплата на додатоци во сите јавни здравствени установи превентивно, воведување централизиран регистар за следење судски предмети, зајакнување на правните служби во установите со масовни тужби, социјален дијалог за подобрување на правната рамка.
– Недостигаат анестезиолози, кои речиси ги нема во јавните здравствени установи во државата – одговори Клековски на новинарско прашање.
Во 2025 година биле достигнати речиси 19.000 вработени во јавното здравство, имало нови вработувања по 2024 година, која завршила со 18.000 вработени. Клековски изрази уверување дека оваа година бројката на вработени ќе надмине 19.000.
Клековски информира и дека со одлука на Владата е именуван за директор на Фондот со четиригодишен мандат. Седат Бислими е назначен за заменик-директор. Тој рече дека ќе продолжи да работи посветено на унапредување на здравствениот систем

