Триесет и шестгодишен жител на Тетово пријавил во полиција дека по судир со друго возило бил следен низ градот, по што изгубил контрола и се превртел со автомобилот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 27 мај 2026 година во 13:30 часот во СВР Тетово, Ф.И. (36) од Тетово пријавил дека околу 05:30 часот на улицата „29 Ноември“ во Тетово, патничко возило „Фолксваген голф“ удрило во неговото возило „Пежо 607“ со тетовски регистарски ознаки.
Според пријавеното, возилото потоа почнало да го следи низ градот. Додека се обидувал да избега, на крстосницата меѓу улиците „Видое Смилевски Бато“ и „29 Ноември“ забележал службено возило на МВР со вклучени ротациони светла зад него.
Од страв, како што навел во пријавата, не застанал туку продолжил кон новиот пат за селото Порој, каде што изгубил контрола над возилото и се превртел на кров.
Од СВР Тетово соопштија дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

