Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич, денеска изјави дека треба да се уриваат згради во предградијата на Бејрут за секој дрон што ќе го лансира либанското движење Хезболах, кое има поддршка од Иран.
– Единствениот начин, во моментов, да се спречи нашите војници да бидат погодени е да се урнат десет згради во јужните предградија на Бејрут, каде што е упориштето на Хезболах, за секој дрон што ќе го испука шиитското движење – рече Смотрич по смртта на израелски војник во Либан.
Смотрич на социјалните мрежи го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „да им дозволи на израелските војници да победат“.
Израелската војска утрово ги продолжи воздушните напади врз јужнолибанскиот град Тир, тврдејќи дека гаѓа инфраструктура на Хезболах, откако го прогласи големиот дел од јужен Либан за борбена зона.
Вкупно 23 израелски војници и еден цивил, кој работел за војската, загинаа од обновувањето на непријателствата меѓу Израел и Хезболах на 2 март.
Оттогаш, во израелските напади врз Либан загинаа 3.269 луѓе, според најновите податоци на либанското Министерство за здравство. /МИА

