Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска го претстави новото лого на институцијата, усвоено од Колегиумот на републичкото обвинителство, а кое има за цел преку единствен визуелен симбол да ја претстави целокупната обвинителска организација, нејзината структура и мисија.

Новото лого е изработено врз прецизна геометриска структура со цел да обезбеди визуелна рамнотежа, стабилност и препознатливост. Колорниот систем е составен од темно сина и златна боја, кои симболизираат доверба, професионалност, институционална стабилност, достоинство и авторитет.
Во централниот дел на логото е поставен меч, кој го претставува Јавното обвинителство како носечки столб на обвинителската организација и гарант на нејзиното координирано функционирање. Мечот е насочен нагоре и симболизира будност, одлучност и подготвеност за заштита на законитоста, јавниот интерес и владеењето на правото.
Од двете страни на мечот се наоѓаат тасовите на вагата – универзален симбол на правдата, непристрасноста и еднаквата примена на законот. Врвките што ги поврзуваат тасовите ја симболизираат улогата на вишите јавни обвинителства како врска меѓу различните нивоа на обвинителскиот систем.
Логото содржи и 23 ѕвезди кои ја претставуваат мрежата на основните јавни обвинителства во државата.
Во централна позиција е поставена ѕвезда што го симболизира Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), при што нејзината големина е идентична со останатите, нагласувајќи ја еднаквата важност на сите обвинителства во системот.
Од Обвинителството велат дека новиот симбол во целина потсетува на европските обележја и ги отсликува заложбите на институцијата за достигнување на европските стандарди во владеењето на правото.
Новото лого беше претставено на конференцијата „Од стратегија до пракса: Јакнење на комуникацијата на Јавното обвинителство со јавноста“, организирана во Скопје во соработка со проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“.
.

