
Не смееме да дозволиме и никогаш нема да дозволам, барем додека сум на оваа позиција, предмет со такви страшни докази во насока на докажување на одредeно кривично дело од кое ќе му се згади на македонскиот народ така да се затвори, и нема да дозволам, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, за случајот „Мазут“.
Тошковски, во гостувањето на „Топ тема“, зборувајќи за случајот порача дека „секој треба да си ја сработи работата која му е дадена согласно закон“, и нагласи дека „не мислам дека „Мазут“ е предмет што е затворен и не мислам дека е паднат“.
– ЈО е надлежно и е главен мотор во водењето на овие кривични постапки. МВР работата што требало да ја сработи ја сработило и тоа е видливо, и во рамки на овие предмети и во рамки на сите постапувања што се во надлежност на МВР. Факт е дека ЈО потфрлува, во континуитет. Тоа го говорат сите можни мерења на јавно мислење во изминатите десет, петнаесет, пет години, небитно. Тоа е факт. ЈО доколку сака да ја заслужи довербата на граѓаните мора да испорача правда – изјави Тошковски.
Според Тошковски, обвинителот може да донесе одлука каква што цени дека треба да донесе, ама, потенцира, „пред фактите и боговите молчат“.
Прашан како ќе се бори протиов обвинителката Коларевиќ, Тошковски рече „јас не планирам да се борам со ниту еден обвинител“.
– Кога јавноста ќе го види тоа што го видов јас, а не може да не го види. Ќе дојде ден. Но, не може да ставате такви работи под тепих. На повраќање ме тераше фактот кој што го видов, а притоа истиот не е ниту од далеку соодветно процесуиран во постапката што е во тек – изјави Тошковски.
Тошковски, нагласи дека „би сакал да верува дека е направен пропуст во текот на редовната работа на обвинителството“.
-Кога имате состанок со истражители кои ви велат „министер ова што се случува во овој предмет е во најмала мера надвор од памет“, во смисла на непостапување согласно очекувањата на истражителите втемелени на докази кои што истите ги испорачале, ги анализирале и им дале основано сомнение дека има незаконско работење за конкретниот предмет, а притоа имаме друга слика, перцепција и постапување – појасни Тошковски.
Тошковски, во гостувањето ги појасни деталите околу текот на истрагата за наводната „шпионска афера“ во претседателскиот кабинет, и притоа ги отфрли обвинувањата за бавност во постапката, нагласувајќи дека форензичката анализа на обемни докази бара време кое често ги надминува очекувањата на јавноста.
– Ќе оставам ЈО да донесе одлука согласно она што го имаме доставено до нив, од анализираните докази кои беа анализирани од Секторот за компјутерски криминал при МВР и нека оцени ЈО, како смета дека треба да ја продолжи целокупната постапка. Јас одговорно тврдам дека во она што го имам како сознанија добиено дека овде ниту од далеку не можеме да говориме за нешто што би требало да значи шпионска афера – изјави Тошковски.
Според Тошковски, факт е дека Обвинителството мора да испорача правда ако сака да ја врати довербата, правејќи споредба меѓу одлуката за отворање на случајот „Мазут“ и отворањето на наводна шпионска афера во претседателскиот кабинет.
– Од една страна имаме затворање на случај што згрозува од аспект на тежина на докази кои ги има во него, од страна на обвинител х, од друга страна имаме отворање на афера во јавноста во истиот временски период, откако јавноста е згрозена од затворањето на случајот, без да ги знае деталите за случајот, со шпионска афера што била многу време работена во рамки на МВР, а тоа многу време е два месеци. Вас ова не ви е сомнително? Особено од аспект на она што ќе следи и во едниот и во другиот случај – порача Тошковски.
Тошковски, исто така, посочи дека тезата дека е потребно да се зголеми бројот на истражители во рамки на Обвинителство е неспорен и тоа го работиме, меѓутоа, како што нагласи, тезата дека ЈО нема доволно ресурси да испорача е неточна.
Прашан каква е соработката на МВР со Јавното обвинителство, Тошковски рече дека „генерално морам да констатирам дека со одредени обвинители, особено од ОЈО ГОКК имаме фантастична соработка и тоа се покажало многупати досега во процесуирањето на огромен број случаи во последните две години“.
-Одлична соработка имаме и со ОЈО Скопје, ОЈО Струмица, ОЈО Охрид … има јавни обвинители кои чесно, совесно и професионално си ја вршат работата и заедно во соработка со МВР постапуваат и процесуираат соодветно кривични пријави и резултатите се видливи – изјави Тошковски.

