
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби својот 49. роденден го дочека во куќен притвор, додека сè уште нема одлука дали против него ќе биде поднесено обвинение во предметот за Државна лотарија, во кој е осомничен за проневера на 8,2 милиони евра.
По повод роденденот, на социјалните мрежи му беа упатени честитки, а поддршка доби и на улица. На надвозникот кај Мавровка, во близина на плоштадот „Скендербег“, беше поставен транспарент со порака: „Среќен роденден кралу“, по што следуваше и пораката „Кралот е назад“.
Груби се врати во земјава по 14 месеци поминати во Косово, каде замина откако во декември 2024 година беше отворена истрага за случајот со Државна лотарија. Тој беше баран со меѓународна потерница, а по враќањето на граничен премин беше приведен и со лисици спроведен во затворот „Скопје“ во Шутка.
Во притворската установа помина само неколку часа. Откако посочил дека не се чувствува безбедно во затворот, по проценки на надлежните институции и одлука на судија на претходна постапка, мерката притвор му беше заменета со куќен притвор.
Основното јавно обвинителство го сомничи за кривично дело „проневера во службата“ по член 354 од Кривичниот законик. Истрагата е во тек, а обвинителството засега нема соопштено дали ќе биде поднесен обвинителен акт против поранешниот вицепремиер. објави Скопје1.мк

