Временскиот феномен Ел Нињо повторно е присутен, соопшти денеска американската Национална управа за океани и атмосфера (НОАА), предупредувајќи дека се очекува негово дополнително засилување во текот на зимата 2026-2027 на северната хемисфера.
„Условите за Ел Нињо се присутни и се очекува да се зајакнат во текот на зимата на северната хемисфера 2026-27“, се наведува во соопштението на НОАА.
По неколкумесечни најави и невообичаено високи температури на морската површина во тропскиот дел на Тихиот Океан, повторната појава на овој цикличен климатски феномен беше очекувана. Научниците предупредуваат дека тој може да биде придружен со поекстремни временски услови, вклучувајќи суши, поплави и можност за нови рекорди на глобалната просечна температура.
Според НОАА, постои 63-процентна веројатност меѓу ноември и јануари да се развие многу силен Ел Нињо, кој би можел да се вброи меѓу најинтензивните вакви настани во историските записи што се водат од 1950 година.
Последниот Ел Нињо беше регистриран во периодот 2023-2024 година. Тој се смета за еден од петте најсилни досега забележани и придонесе 2024 година да биде најтоплата година во историјата на мерењата од почетокот на индустриската ера (1850-1900), според глобалната просечна температура.
Ел Нињо ги засилува последиците од климатските промени предизвикани од човековите активности. Неговите ефекти најмногу се чувствуваат преку суши и поплави во различни региони, особено на јужната хемисфера. За Европа, последиците од овој феномен обично се поограничени.

