
Собранието денес ја избра Катерина Зајковска за нов член на Државната комисија за спречување на корупцијата, со што продолжува практиката на скандалозни кадровски екипирања на оваа институција, велат од Левица.
„Токму Катерина Зајковска, како вработена во одделот задолжен за контрола на финансирањето на политичките партии, учествуваше во прикривањето на фирмата „Буст ДООЕЛ”, поврзана со синовите на поранешната членка на ДКСК, Цвета Ристовска. Наместо институционална одговорност за ваквиот скандал, денес сведочиме на нејзино унапредување во самата Антикорупциска комисија.
Сѐ уште нема разрешница за двете постапки кои Антикорупциска комисија ги отвори против Цвета Ристовска – за непријавување имот во анкетниот лист и за добивање средства за изборна кампања од ВМРО-ДПМНЕ. Дополнителен сомнеж за начинот на кој функционираше раководството на ДКСК предизвикува и случајот со дипломата на директорот на АНБ. Токму Цвета Ристовска го затвори предметот поврзан со сомнежите за спорната диплома на директорот Бојан Христовски. Особено проблематично е што во јавноста постојат фотографии од заеднички настани и контакти меѓу Цвета Ристовска и ректорот Ацо Миленковски, односно лицето чија образовна институција ја издала спорната диплома.
Ниту Основното јавно обвинителство досега нема дадено одговор по кривичната пријава што Левица ја поднесе против Цвета Ристовска за непријавување имот. Молкот на институциите само ги зајакнува сомнежите дека станува збор за организирано прикривање на одговорноста и селективна правда.
Фактот што Антикорупциската комисија не отвори ниту еден предмет во кој е утврдена одговорност на актуелен висок функционер, покажува дека оваа институција е целосно заробена и ставена во функција на заштита на ДПМНЕ, наместо во служба на борбата против корупцијата.

