
Од партијата Влен велат дека почетокот на работите на автопатот Скопје – Блаце претставува значаен инфраструктурен проект за државата и доказ дека по долгогодишните ветувања започнува неговата реализација.
Во денешното соопштение, оттаму упатија критики до Демократската унија за интеграција (ДУИ), за која велат дека во изминатите 24 години не успеала да го реализира проектот, иако граѓаните, особено Албанците, со децении ја очекувале изградбата на автопатот.
„Само една група луѓе денес не може да ѝ се радува на оваа реализација на Влен. Само раководството на ДУИ, наместо да слави заедно со сите Албанци, веќе два дена се правда и се чувствува непријатно. Затоа што тие не го направија за 24 години, а ние го правиме за 24 месеци“, велат од партијата.
Според Влен, граѓаните, особено Албанците, со децении го очекуваат автопатот Скопје – Блаце, а проектот требало да биде реализиран многу порано, согласно јавно дадените рокови. Воедно, доцнењето на изградбата го поврзуваат со погрешно поставени приоритети на раководството на ДУИ во периодот кога партијата беше на власт.
„Според роковите што беа јавно ветувани, тој требаше да биде завршен приближно во времето кога семејството Ахмети ја купи ‘Соравија‘. Очигледно, имале други приоритети. Не им биле грижа ниту Албанците, ниту автопатиштата“, се вели во партиското соопштение.
Од ВЛЕН тврдат дека за време на владеењето на ДУИ јавноста била сведок на бројни скандали поврзани со злоупотреба на јавни средства и ИПА-фондови.
Според партијата, со промената на власта започнала реализација на клучни инфраструктурни и капитални проекти, меѓу кои автопатот Скопје – Блаце, Коридорот 8, изградбата на кампусот на Универзитетот во Тетово, болниците во Кичево и во Тетово, како и инвестиции во локалната инфраструктура.
„Не сме биле сиромашни, сме биле ограбувани“, порачаа од Влен.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски соопшти дека конзорциум предводен од домашната градежна компанија „Гранит“ ќе го гради вториот дел од автопатот Скопје – Блаце во должина од 10,5 километри, а градежните активности се очекува да започнат летово.
Завршувањето на постапката за избор на изведувач рече дека е реализирано по средба со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), при што е потврдено дека е избран конзорциумот предводен од „Гранит“.
Според Николоски, автопатот Скопје – Блаце е исклучително комплексен проект кој опфаќа пет тунели, две галерии, 12 мостови и околу 40 објекти заедно со помалите инфраструктурни елементи.
„Очекуваме проектот да биде завршен во рок од 3,5 години и да се воспостави целосно автопатско поврзување од Скопје до Блаце, односно кон Косово и Црна Гора“, кажа тој.
Автопатот Скопје – Блаце е со вкупна должина од 12,5 километри, при што првата фаза од 2,5 километри е во реализација од 2020 година.
Извор: 360stepeni.mk

