
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во вечерашното гостување во ТВ Сител соопшти дека покрај редовните линии кон Скопје, „Туркиш ерлајнс“ веќе воспостави летови до Охрид, а од 2 јули авиокомпанијата „АЏет“ ќе започне со директни летови на релација Анкара – Скопје.
Новата авиолинија, како што рече, се воведува без државни субвенции, што претставува доказ за нејзината економска оправданост и за интересот на авиокомпанијата за македонскиот пазар.
„Линијата се очекува да биде рентабилна. Анкара е административен град, иако бизнисот е околу Истанбул. Очекувам во следниот период да имаме уште подобри резултати и да расте соработката“, кажа тој.
Осврнувајќи се на бизнис-форумот во Истанбул, посочи дека е договорено карго-поврзување меѓу Македонија и Турција, со цел унапредување на трговската и економската соработка меѓу двете земји.
Според него, оваа иницијатива има особено значење бидејќи еден од краците на Коридорот 10 започнува во Истанбул, што ја прави оваа рута најкраток транспортен правец за стоката што од Турција се извезува кон земјите од Централна Европа.
„На настанот учествуваа повеќе од сто македонски и повеќе од сто турски бизнисмени. Се отвора значителен простор за продлабочување на соработката меѓу деловните заедници на двете држави“, рече тој.
Во однос на амбицијата трговската размена меѓу Македонија и Турција да порасне од сегашните околу 900 милиони долари на две милијарди долари, тој смета дека целта е достижна, посочувајќи дека турските компании покажуваат сериозен интерес за инвестирање во Македонија, меѓу другото и поради договорот за слободна трговија со Европската Унија и добрите трговски односи со САД.
Според него, дел од турските компании ја разгледуваат Македонија како потенцијална база за полесен пристап до европскиот пазар.
Извор: 360stepeni.mk

