Пожарот меѓу штипските села Долани и Љуботен е под контрола. Екипите на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип утринава интервенираат на местата каде што сè уште чади и каде има активен оган на опожерениот дел.

Командирот на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Штип, Благој Ренџов, вели дека утринава повторно ќе пратат екипа која ќе дежура до 15 часот.
„Пожарот во моментов е во дол, непристапен терен за пожарникарите. Околу 12 часот кога се зголемува температурата, ќе видиме дали ќе има разгорување“ вели Ренџов.
Според првичните проценки, опожарени се од 20 до 30 хектари нискостебелеста вегетација и дел од борова шума.
Инаку, вчера во гаснењето на пожарот учествуваа 18 пожарникари, 14 пожарникари доброволци и жители на селото Долани.
Дирекцијата за заштита и спасување вчера активира и еден „ертрактор“, кој со две празнења на вода дејствуваше врз пожарот од воздух.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера информираа дека еден жител на селото е повреден, односно се здобил со изгореници на нозете, за што веднаш е хоспитализиран во Клиничката болница – Штип.
Со градежна и земјоделска механизација се правеа засеци, односно обрачи, кои не дозволуваат пожарот да се префрли кон селото. За само неколку дена ова е трет голем пожар во Штипскиот Регион.

