Австрија ги продолжи граничните контроли со соседните земји за уште три месеци, а Виена ќе спроведе гранична безбедност со адаптирани мерки во граничната област, изјави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.
Тој истакна дека „граничната безбедност е реструктуирана и е пофлексибилна“.
Наместо чисто селективни, стационарни гранични контроли, ние се потпираме на широки, флексибилни и ефикасни гранични контроли. Целта на новата стратегија е да се отстранат шверцерите и криминалците, а не да се оптоваруваат патниците, наведе Карнер.
Австрија поради бегалската криза воведе привремени гранични контроли со Словенија и Унгарија во 2015 година и оттогаш ги продолжува на секои шест месеци. Од есента 2023 година воведе гранични контроли на премините со Чешка и Словачка поради влошувањето на безбедносната состојба на Блискиот Исток и зголемената закана од тероризам.
Виена последен пат ги продолжи граничните контроли со четирите земји во декември минатата година, а мерката беше во сила до денеска, кога мерките се продолжени за уште три месеци.
Европската комисија на почетокот од месецот ги повика деветте членки на Шенген зоната, вклучувајќи ги Австрија, Словенија и Италија, да ги укинат граничните контроли. Брисел нагласи дека постојат алтернативни мерки кои се поефикасни од спроведувањето на граничните контроли меѓу членките на Шенген зоната.
Тие вклучуваат несистемски полициски проверки, мобилна биометриска идентификација и технологии за следење на возила.
Словенија на 12 јуни го откажа привременото повторно воведување на граничните контроли со Хрватска и со Унгарија, што ги спроведуваше од октомври 2023 година.

