Со доаѓањето на летните температури повторно се актуализираат проблемите со јавниот превоз во Скопје. Автобуси на ЈСП се расипуваат на улиците, од нив излегува чад, а во одредени случаи се забележува и истекување течности, што кај дел од граѓаните предизвикува страв за безбедноста при користење на јавниот превоз.

Ова не е нов проблем. Скопјани со години се соочуваат со истиот предизвик, особено во текот на летните месеци кога високите температури дополнително го оптоваруваат стариот возен парк. Видеа снимени изминатата недела покажуваат автобуси во дефект на различни локации низ главниот град, потсетувајќи на проблемите кои речиси секое лето се повторуваат.
Од Град Скопје за „Скопје1“ изјавиле дека состојбата во ЈСП била сериозно нарушена кога новото раководство ја презело одговорноста.
„Кога градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ја презеде одговорноста, состојбата во ЈСП беше сериозна. Имаше околу 130 автобуси кои беа во функција, целосно запуштено претпријатие и хаварисан возен парк“, велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека во моментов во функција се околу 180 автобуси, благодарение на сервисирањето и вложувањата во претпријатието.
„Дополнително, и покрај вложувањата во поправки и одржување, успеавме во првите шест месеци да направиме заштеди од околу 1 милион евра во споредба со истиот период минатата година“, посочуваат од градската администрација.
Сепак, признаваат дека возниот парк е стар и дека дефекти не можат целосно да се избегнат
„Факт е дека автобусите не се нови и дека кај стар возен парк секогаш постои можност за дефекти, но нашата цел е тие проблеми да ги сведеме на минимум и граѓаните да добијат навремен и квалитетен јавен превоз“, наведуваат од Град Скопје.
Воедно, најавуваат дека продолжуваат активностите за обновување на возниот парк, а очекувањата се јавниот транспорт да биде засилен со 100 нови автобуси што треба да ги обезбеди Владата.
Додека се чека набавката на новите возила, скопјани и ова лето ќе продолжат да се возат во автобуси кои често се соочуваат со дефекти, проблем што со години останува еден од најголемите предизвици на јавниот превоз во главниот град, објави Скопје1.мк

