Тирана – Премиерот на Република Албанија Еди Рама денеска престојуваше во официјална посета на Париз, со работен ручек во Елисејската палата, на покана на претседателот на Франција, Емануел Макрон.
Посетата е во рамките на политичкиот дијалог на високо ниво меѓу Албанија и Франција, за понатамошно зајакнување на стратешкото партнерство меѓу двете земји, дијалогот за новиот пристап кон процесот на членство, за кој албанскиот премиер беше еден од најохрабрувачките гласови, како и претстојниот самит на НАТО во Анкара, посочува албанската државна Агенција за медиуми и информирање.
Се додава дека Албанија ја цени улогата на Франција и личната посветеност на претседателот Макрон во „промовирањето на нов пристап кон Западен Балкан и поддршката на европската перспектива на регионот”.
По разговорите, Макрон реагираше на платформата „Икс“, каде што ги пофали односите меѓу Албанија и Франција, нагласувајќи ја соработката во области како што се иновациите, образованието, културата и туризмот, додека ја потврди поддршката на Франција за европската интеграција на Албанија и продолжувањето на реформите на патот кон ЕУ.
„Сакаме да дадеме нов импулс на ова партнерство, дополнително зајакнувајќи ја економската и одбранбената соработка. Франција ја потврдува својата поддршка за европската интеграција на Албанија и за продолжување на потребните реформи на патот кон Европската Унија“, напиша Макрон.
Денешната средба е продолжение на средбите меѓу двајцата лидери, кои официјално се сретнаа во Париз во април 2024 година, како и во Тирана во октомври 2023 година и мај 2025 година, додека редовно се одржуваат средби во различни мултилатерални формати и телефонски контакти.

