„Бенквоч“ е најголемата мрежа на еколошки организации и здруженија за човекови права во Централна и Источна Европа.
Извештајот се осврнува на неспроведувањето на прописите за емисиите на сулфур диоксид (SO₂) од застарените термоцентрали на јаглен во Западен Балкан, чии емисии лани ги надминале законските ограничувања.
Термоцентралите во Босна и Херцеговина забележале најголеми емисии на сулфур диоксид – 196.940 тони, што е 12,7 пати над дозволеното ниво.
Следува Србија со 177.756 тони, односно 5,1 пати над пропишаната граница.
Во целиот регион на Западен Балкан емисиите на сулфур диоксид од 2018 година наваму се намалиле само незначително.
Граничните вредности за емисиите во 2025 година станале уште построги отколку претходните години, што довело до уште поголеми прекршувања, се наведува во извештајот на „Бенквоч“.
Во исто време, загадувањето со прашина исто така се зголемило и во 2025 година го достигнало највисокото ниво од стапувањето во сила на тогашните правила во 2018 година. Причината, главно, е значителното зголемување на емисиите од термоелектраната „Битола“ во Северна Македонија, која ги удвоила емисиите во споредба со 2024 година.
Само нејзините емисии биле за повеќе од 7.094 тони над дозволениот лимит за целиот регион.
Како и во 2024 година, така и лани вкупните емисии на азотни оксиди од термоцентралите биле 1,4 пати над дозволените граници. Косово, Босна и Херцеговина и Србија ги надминале законските ограничувања, а најголеми емисии имала електраната „Никола Тесла Б“ во Србија – 11.247 тони.
Секретаријатот на Енергетската заедница покрена повеќе постапки против земјите од Западен Балкан, потврдувајќи ја незаконската работа на нивните термоцентрали на јаглен. Сепак, ниту една влада не изрекла казни за овие постројки, а нема ниту јасни, ажурирани и реални планови за усогласување со прописите или за нивно затворање.

