Силното невреме што синоќа ја зафати Битола и околината, проследено со интензивни врнежи од над 40 литри дожд на метар квадратен, предизвика оштетувања на коловозите во повеќе делови од градот.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, информираше дека екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“ и „Комуналец“ од раните утрински часови се на терен и работат на санирање на последиците.
Според Коњановски, најголеми оштетувања се регистрирани во населбите Баир и Бадембалари, како и на улиците „Дебарска“, „Бихаќ“ и „Караорман“.
Дел од оперативните екипи интервенираат и на потегот кон селата Кравари и Бистрица.
„Заедно со директорите сум на терен со цел координирање и санирање на состојбите“, објави Коњановски.
Невремето, кое траело од 22 часот до 1 часот по полноќ, предизвикало значителни проблеми во делови од градот, а надлежните служби продолжуваат со активности за нормализирање на состојбата.

