Ужасно сум разочаран од одговорот што дојде од Софија, вели шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски коментирајќи го во телевизиско гостувањето вчерашното соопштение на Министерството за надворешни работи на Бугарија во врска со објавувањето во јавност на дипломатската нота за патување на членови на најтесното семејство на премиерот Христијан Мицкоски во Пампорово на почетокот на годината.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на РС Македонија, Тимчо Муцунски, во вечерашното гостување во „Само интервју“ на телевизија Канал 5 / Фото: Принтскрин
За потсетување, во соопштението бугарското МНР негира дека споделило дипломатската нота поврзана со посетата на Бугарија на сопругата и помалиот син на премиерот Мицкоски и наведува дека информациите што деновиве циркулираат во јавност се однесуваат на вербална нота од 6 јануари годинава и се за настани што поминале одамна.
Муцунски во вечерашното гостување во „Само интервју“ на телевизија Канал 5, рече дека во соопштението нема јасен демант дека документот протекол од Министерството за надворешни работи на Бугарија и единствениот одговор што бил даден во него во суштина е дека патувањето се случило одамна.
„Одговорот во суштина беше дека одамна се случило. Не беше ни јасен демант, туку одамна се случил инцидентот“,вели шефот на македонската дипломатија.
Муцунски вели дека најмалку што очекувал од официјална Софија е осуда за објавувањето на дипломатската нота, притоа правејќи паралела со начинот на кој македонското МНР и институциите во земјава дејствувале и веднаш го осудиле палењето на двете дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје што се случи неодамна.
„Очекував осуда, да се каже дека се згрешило, како што ние осудивме дејствија на наша територија, наместо да кажеме дека некој друг го направил, кажавме дека се случило нешто што не смеело да се случи, го осудивме чинот и институциите веднаш постапија. Така се однесува одговорна држава, тоа е цивилизациска вредност, бидејќи тој што работи може да згреши, но треба да има капацитет да се извини“,
рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија.
Аргументирајќи го својот став, тој посочи дека во јавноста се споделени податоци за сопруга на претседател на влада на земја членка на НАТО и за малолетно лице, како и податоци за прашања поврзани со безбедносни протоколи на заштитени лица, што, како што наведе, не е мала грешка, туку станува збор за сериозен пропуст во безбедносната култура на министерство за надворешни работи на земја членка на НАТО.
Во тој контекст, Муцунски рече дека грешки се случуваат, но бугарските власти требало да покажат капацитет да се јават и да кажат дека тоа не требало на дојде и дека ќе истражат како се случило документот да излезе во јавност.
„И тоа е најмалку што го очекувавме, затоа што, јас кажав и вчера, ваков тип комуникација постои меѓу сите земји во светот. На територијата на нашата држава некогаш на дневна основа се движат повеќе државници, претставници на странски држави, нивни семејства коишто се заштитени по одредени безбедносни протоколи и тоа ние како институција заедно со Министерството за внатрешни работи и државните институции во делот на безбедноста располагаме со тие информации, така и треба да биде, но никогаш не сте виделе јавно да излезе некоја таква информација или, не дај Боже, да се случи ќе се извиниме и ќе кажеме вака не требало. Тоа е оној однос што треба да го градиме, затоа што јас сметам дека по оној ужасен инцидент пред бугарската амбасада нашата држава во рок од неколку минути постапи зрело. Јас тој ден се слушнав со министерката за надворешни работи на Бугарија неколкупати“,изјави шефот на македонската дипломатија.
Зградата на Министерството за надворешни работи на Бугарија (Илустративна фотографија) / Фото: Архива
Прашан дали неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова му се јавила во врска со објавувањето на дипломатската нота, Муцунски кусо одговори „не“ и додаде дека имало разговор во македонското МНР со амбасадорот на Бугарија во земјава кому му биле пренесени, како што рече, нашите грижи во врска со случајот.
Муцунски во таа насока додаде дека како што настанот со палењето на возилата пред бугарската амбасада е прашање од безбедносна природа, така и безбедносни маршрути, движења и протоколи на семејства на претседател на влада, исто така се безбедносни прашања.
„Исто така, ние овие информации ги споделивме во форматите во коишто треба да бидат споделени“,додаде министерот.
Претходно, одговарајќи на прашање дали се познати мотивите на сторителот за палењето на двете возила на бугарската амбасада во Скопје и дали можеби има сомнежи дека во случајот се вмешани странски служби кои го поттикнале да го направи тоа, Муцунски рече дека од информациите со кои располага и може да ги сподели во јавност е дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) работат на истрагата и оти треба да се остави простор истрагата да покаже дали се работи за дејствија од страна на едно лице, неорганизирано, или има некоја друга заднина на тоа.
„Малку треба време да оставиме да видиме што ќе покажат резултатите од истрагата“,додаде тој.
Муцунски уште еднаш го осуди настанот со возилата пред бугарската амбасада во Скопје и посочи дека не е вредност на македонскиот народ да пали и да создава безбедносен ризик кој може да загрози живот на некого.
„Значи, тоа е недозволиво, и не треба да има никаква двосмисленост во нашата осуда на таквите дејствија и треба да продолжиме да работиме доколку се случува нешто такво нешто во иднина да направиме максимално сè да го спречиме. Како што знаете, институциите веднаш постапија, лицето во рок од неколку часа беше идентификувано и приведено, во моментов се води детална истрага по однос на тоа како дошло до оваа ситуација. Секако, Јавното обвинителство е вклучено, следува и процес на обвиненија и сето тоа што мора да се случи бидејќи настанот е ноторен, нема дилема“,изјави шефот на македонската дипломатија во интервјуто.
СПОДЕЛИ

