Се надевам дека назначувањето на функцијата претседател на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) се заснова на мојата професионална биографија, вели првиот човек на РКЕ, Ацо Ристов, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 прашан што пресуди – дали професионалното си-ви или партискиот бекграунд. Тој е дипломиран електроинженер со работно искуство во приватниот сектор, во јавно комунално претпријатие, а беше и градоначалник на Општина Радовиш од 2021 до 2025 година од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. На прашањето дали чувствува товар што беше избран само со гласовите на владејачкото мнозинство, Ристов вели:
„Значи Регулаторната комисија по своето суштинско постоење е партиски независна институција и мислам дека во моментот кога јас станав претседател завршивме со сите оние партиски, било какви мои активности и сега исклучиво работиме за интересот на граѓаните, односно за регулирањето на сите оние задачи коишто ни се дадени со закон“.
Во контекст на изборот на неговата сопруга Данка Ристова за членка на Судскиот совет, претседателот на РКЕ беше прашан и дали се чувствуваат за општествено и политички влијателно семејство.
Ристов: Па не би рекол баш дека се чувствуваме како општествено привилегирани и влијателни, може општествено одговорни, бидејќи овие се независни две институции што исклучиво работат на професионализам и сета онаа работа којашто ние ја работиме, бидејќи се неспоиви две работи – таа работи во правосудството, јас работам во енергетиката – не гледам каде би можеле ние да имаме влијание, посебно во делот каде што сакате да ни го припишете, а тоа е во политиката.
„360 степени“: Иако факт е дека и вие станувате претседател на комисијата, а сопругата член на Судскиот совет по промената на власта во 2024 година.
Ристов: Да, тоа е факт, меѓутоа историјата на нашите кариери не почнува ниту од вчера ниту од завчера. Тоа се работи коишто се поврзани со професионализмот, 30-35 години работен стаж во областите, така што многу политички партии и многу луѓе се промениле, ама професијата треба да биде онаа којашто ќе го определува човекот и она што го работи.

