Министерството за култура и туризам изрази длабоко жалење по повод смртта на македонскиот музички автор и изведувач Владо Јаневски, оценувајќи дека со своето богато творештво оставил неизбришлива трага во современата македонска музика.”
Во соопштението се наведува дека Јаневски бил уметник кој со својата исклучителна музикалност, препознатлива интерпретација и безвременски песни обединил генерации љубители на македонската музика.Од Министерството истакнуваат дека неговото творештво, исполнето со емоција, искреност и љубов кон македонскиот јазик и култура, ќе остане трајна вредност и значаен дел од македонското музичко наследство.
„Неговата професионалност, уметничка автентичност и долгогодишен придонес во развојот и афирмацијата на македонската популарна музика ќе продолжат да бидат инспирација за идните генерации музичари и уметници“, се наведува во соопштението.
Министерството за култура и туризам упати искрено сочувство до семејството на Владо Јаневски, неговите најблиски, колегите и сите почитувачи на неговото дело, истакнувајќи дека споменот на легендарниот музичар ќе продолжи да живее преку неговите песни, кои засекогаш ќе останат дел од македонската културна меморија.

