Тешка сообраќајна несреќа се случи на патниот правец Штип-Пробиштип, како директна последица на големите пожари кои беснеат во овој регион. Две патнички возила директно се судрија откако едниот од возачите, во обид да се спаси од пламените наноси покрај патот, преминал на спротивната коловозна лента.
Според првичните информации од теренот, автомобилот кој се движел во правец кон Штип, за да ги избегне пламените наноси покрај самиот коловоз, нагло свртел во спротивната лента и директно удрил во возило кое доаѓало од спротивниот правец, објави 4news.mk
Повредени во судирот, но и од густиот чад
Во тешката несреќа се повредени повеќе лица кои со возила на Брза помош веднаш биле пренесени во болница. Засега нема официјални информации за точниот број на повредени, ниту за сериозноста на нивните повреди.
Дополнително, медицинските екипи на терен интервенирале и кај неколку други граѓани кои побарале помош поради труење и вдишување чад од големите пожари кои во моментов го зафаќаат регионот.
Се шират нови жаришта во Источна Македонија
Состојбата во источниот дел на земјата дополнително се усложнува. Додека противпожарните екипи се борат со огнот кај селото Бучиште, регистрирани се нови активни жаришта на следниве локации:
Во атарот на селото Ратавица
Во околината на селото Неокази
На местото викано Глобица
Апел до возачите: Надлежните служби апелираат до сите граѓани кои транзитираат на патниот правец Штип-Пробиштип да возат со максимално претпазливост, да ја прилагодат брзината на намалената видливост поради чадот и строго да ги почитуваат наредбите на полицијата која го регулира сообраќајот.

