Македонски концепт на Петар Богојески, кој е дел од владејачката коалиција „Твоја Македонија“ е зачуден од изјавата на еврокемасрката за проширување, Марта Кос, дека никој во Унијата не може да дава гаранции. „ Доколку навистина не постојат гаранции дека исполнувањето на преземените обврски ќе доведе до членство во Европската унија, тогаш логично се наметнува заклучокот дека и Преспанскиот договор бил прифатен без реална гаранција за европската перспектива на државата“, вели МК во реакцијата.
„Референдумското изјаснување во 2018 година се темелеше токму на таквите ‘Е гаранции’, кои сега магично исчезнаа. Со тоа, паѓа во вода наративот дека болните и длабоко национални отстапки направени во минатото биле неопходни затоа што претставувале сигурен пат кон европското членство.
Нашата стратешка определба останува полноправното членство во Европската унија. Но, европската интеграција мора да биде процес заснован на јасни правила, еднакви критериуми и предвидливост, а не на постојано отворање нови политички условувања без јасен крај.
Штом ЕУ официјално ги повлекува гаранциите од Преспанскиот договор, тогаш сосема легитимно е Македонија да ја тргне ‘северна’ од внатрешна употреба, токму согласно одредбите на тој договор. Бараме Владата итно да преземе чекори во таа насока“, велат од Македонски концепт. Партијата нагласува дека тоа прашање ќе биде покренато во рамките на коалицијата.
